Љубовна


Пајонската свештеничка од Исар-Марвинци, VII век п.н.е.


Пред да се раздени
За неа беше разденето
Пред да се стемни
За неа беше стемнето.
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Ние ќе и покажевме камена птица што лета
Таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
Птица во окото на сонцето!
Ќе и принесевме сини цветови што ги брал
Александар Македонски покрај Златна река
Таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
И секогаш
и секогаш молчеше.

Велеше, се што имам да речам си го реков себеси
Право е на другите да си молчат за својата судбина
Не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.

Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.

Анте Поповски

Секое преземање на фотографии од блогот без претходен договор со авторот подлежи на Законот за авторски права.
Any use of photographs from the blog without prior consent of the author is subject to copyright regulations.

© Сашо Димоски/Sašo Dimoski